Единици

EMail сервис


 
 
 
 
 
 

<< претходно | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | следно >>

Новости

14.09.2012  

ДОБРЕДОЈДЕ ЗА НОВИТЕ АКАДЕМСКИ ГРАЃАНИ

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се заблагодарува на довербата што ја искажаа кандидатите за запишување на понудените студиски програми на прв циклус студии на 11-те високообразовни институции во негов состав.

УКЛО подготвено ги отвора вратите за новите академски граѓани, за секој од вас. Честитајќи ви го уписот, УКЛО ви посакува успешно завршување на студиите.

Драги бруцоши, почетокот на академската година е особено значаен, како за вас, така и за Универзитетот. Со запишувањето на студиите започнува една многу важна фаза од вашиот живот, особено во однос на вашиот професионален развој и кариера.

УКЛО со вас го добива новиот подмладок, неопходната енергија и ентизијазам важни за неговиот развој и напредок.

УКЛО ќе ги стави во функција сите свои перформанси и потенцијали, за да ги исполни обврските за остварување на желбите на студентите. УКЛО ја презема и одговорноста да обезбеди квалитетно образование, знаења и компетенции што ќе овозможат реализација на личните желби и амбиции на секој студент.  

Почитувани студенти, УКЛО силно верува во вас, во вашите потенцијали и  вашиот успех. Бидете убедени дека на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола ќе се стекнете со образование хармонизирано со европските високоообразовни стандарди, едукација што ќе ве подготви со теоретските и практични знаења стекнати на студиите, да бидете успешни во вашата професија.

УКЛО ви овозможува да се оспособите за современи пристапи и начини за решавање и на најсложените задачи, а со развојот на вашата инвентивност и визија во пристапот, да постигнувате интелектуален прогрес што ќе ви корист лично вам, на државата и општеството во целина.

Срдечно добродојде на УКЛО и успех во животот и студиите.

УКЛО уште еднаш ви благодари за довербата.

Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола

13.09.2012  

ПОЧЕТОК НА АКАДЕМСКАТА 2012/2013 ГОДИНА НА УКЛО - 17 СЕПТЕМВРИ

Првиот академски час за новата генерација студенти на сите единици на УКЛО  ќе започне на 17 септември,  понеделник.

На првиот академски ден, Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола проф. д-р Златко Жоглев ќе се обрати пред бруцошите од дисперзираните студии по нутриционизам и дисперзираните правни студиии во Битола.

Настанот ќе се одржи во 11 часот во просториите нa Универзитетот, во зградата на поранешната Касарна, со што, ќе се одбележи почетокот на новата академска година 2012/2013 за новозапишаните студенти на УКЛО.

05.09.2012  

УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАН ВТОРИОТ УПИСЕН РОК НА УКЛО

Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии на УКЛО во вториот уписен рок е спроведен  успешно.

Информациите добиени од високообразовните институции во состав на  Универзитетот „Св. Климент Охридски„ –Битола говорат дека во текот на двата дена предвидени за реализација на вториот уписен рок конкурираа 720 студенти.

Заедно со запишаните бруцоши од првиот уписен рок и бројот на пријавени во вториот уписен рок, на УКЛО во моментов има 2230 нови студенти.   

УКЛО ќе спроведе и завршен, трет уписен рок на 17 септември.

Право за упис имаат и матурантите со положена училишна матура и завршен испит.

30.08.2012  

Објавен Конкурсот за запишување постдипломски студии во академската 2012/2013 година


Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски" - Битола на 151-та седница  донесе Одлука за објавување

Конкурс за  запишување студенти на втор циклус универзитетски студии (постдипломски) во академската 2012/2013 година.

Вкупниот број слободни места за едногодишни и двегодишни (магистерски) студии изнесува 2305:

Технички факултет- Битола, 315 студенти

Економски факултет -Прилеп, 420 студенти

Факултет за туризам и угостителство - Охрид, 210 студенти

Педагошки факултет - Битола, 160 студенти

Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи - Битола, 180 студенти

Факултет за биотехнички науки - Битола, 200 студенти

Факултет за безбедност - Скопје, 250 студенти

Правен факултет - Кичево, 240 студенти

Технолошко - технички факултет - Велес, 90 студенти

Научен институт за тутун - Прилеп, 40 студенти

На втор циклус специјалистички стручни студии

Факултет за биотехнички науки - Битола, 50 студенти

Висока медицинска школа - Битола, 150 студент

Рокови за пријавување и запишување

  • Прв уписен рок: од 03 до 12 септември 2012 година, запишување 13 и 14 септември 2012 година,
  • Втор уписен рок: од 03 до 10 октомври 2012 година, запишување 16 и 17 октомври 2012 година,
  • Трет уписен рок од 22 до 29 октомври 2012 година, запишување 30 и 31 октомври 2012 година,

По потреба, Универзитетот ќе спроведе и  дополнителен уписен рок.

Содржина на Конкурсот и подетални информации за условите за запишување на студиските програми преземи тука.

30.08.2012  

Ослободување од плаќање на најдобро рангираните постдипломци

Универзитетот „Св. Климент Охридски" - Битола ја продолжува политика за стимулирање на најдобрите студенти.

На последната седница на Ректорската управа, потврдена е Одлуката од Конкурсот за  запишување студенти на втор циклус универзитетски студии (постдипломски) пет проценти од  најдобро рангираните студенти на секоја студиска програма да бидат ослободени од плаќање кофинансирање во акдемската 2012/2013 година.

Универзитетот „Св. Климент Охридски" - Битола нуди широка лепеза акредитирани, современи и квалитетни студиски програми, а дел од нив се  остваруваат заеднички со реномирани странски универзитети.

Следејќи ги трендовите во европското високо образование и принципите на Болоњскиот процес,  студиските програми за втор циклус студии на УКЛО се во функција на создавање висококомпетитивни стручњаци чии надградени знаења и квалитет ќе придонесат за нивна  посилна лична афирмација, ќе се трансферираат во успешноста на компаниите и ќе придонесат во развојот и просперитетот на државата.

23.08.2012  

НОВА ШАНСА ЗА УПИС НА УКЛО И ЗА МАТУРАНТИТЕ СО УЧИЛИШНА МАТУРА И ЗАВРШЕН ИСПИТ

Во првиот уписен рок на  УКЛО, успешно и без проблеми е спроведен  Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии.

Имајќи ги во вид бројот на пријавени кандидати и објавените прелиминарни ранг листи,  УКЛО планира дополнително да објави околу 2000 слободни места за запишување на сите единици на Универзитетот.

Нова шанса за упис, незапишаните матуранти ќе имаат во уште два уписни рока и тоа: на 3-ти и 4-ти септември во вториот уписен рок и на 17-ти септември 2012 година, термин утврден за третиот уписен рок, со тоа што, во овие уписни рокови, право да конкурираат за индекс имат и лицата кои положиле училишна матура во гимназиско образование или завршен испит по завршено соодветно стручно средно образование со четиригодишно траење.

По запишувањето на примените кандидати во првиот уписен рок, ќе биде  објавен дополнителен Конкурс за упис на студенти во прва година на прв циклус студии со прецизни податоци за бројот на слободните места.

Пријавени кандидати во прв уписен рок:

Технички факултет – Битола, пријавени 332

Економски факултет – Прилеп, пријавени 235

Факултет за туризам и угостителство – Охрид, пријавени 234

Педагошки факултет – Битола, пријавени 107

Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи, пријавени 62

Факултет за биотехнички науки- Битола, пријавени 43

Висока медицинска школа, пријавени 145

Факултет за безбедност- Скопје пријавени 277

Правен факултет – Кичево, пријавени 242

Технолошко – технички факултет – Велес, пријавени 79

Ветеринарен факултет – Битола, пријавени 21

Дополнителен конкурс преземи тука.

15.08.2012  

Ослободување од партиципација на најдобро рангираните на УКЛО

Ректорската управа, на 150-та седница одржана на 15.08.2012 година ја донесе следната   

 

ОДЛУКА

 

Се ослободува од плаќање партиципација или кофинансирање за првата година на студии, на секоја единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, од сите студиски програми заедно, кандидатот за упис кој остварил најголем број поени од сите три уписни рокови, по Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во академската 2012/2013 година. Доколку има повеќе кандидати што се рангирани со ист најголем број бодови, единиците на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе определат дополнителни критериуми за определување на кандидатот кој ќе се здобие со правото од член 1 од оваа Одлука. Износот на париципацијата или кофинансирањето за овие кандидати ќе биде на товар на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола,, со намалување на средствата што единиците ги уплаќаат во согласност со членот 152 од Статутот на Универзитетот.

14.08.2012  

УКЛО подготвен за првиот уписен рок

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола на 16-ти и 17-ти август ќе се реализира првиот уписен рок за академската 2012-2013 година.

Слободни места има за 4.058 студенти од кои 2085 во државна квота, 1329 во квотата со кофинансирање и 644 за вонредни студенти.

УКЛО располага со академска понуда од 54 квалитетни  и акредитирани  студиски програми за прв циклус студии од кои 45 универзитетски, 9 стручни и дополнително 2 на англиски јазик.

Шанса за упис матурантите  ќе имаат во уште два уписни рока и тоа: на 3-ти и 4-ти септември во вториот уписен рок и на 17-ти септрември 2012 година, термин утврден за третиот уписен рок.

УКЛО очекува бројот на новозапишаните студенти да се движи во слични рамки како и во претходните академски години.
 
КОНКУРС ЗА УПИС НА СТУДЕНТИ ВО ПРВА ГОДИНА

14.08.2012  

УКЛО со електронски систем на пријавување

Од оваа академска година УКЛО ја нуди можноста и за електронско пријавување на новите студенти, постапка со која треба  значително да се олесне целокупната процедура.

Електронското аплицирање  на УКЛО е достапно пред стартот на уписите на 16 и 17 септември 2012 година и во другите уписни рокови.

Пријавата за упис заедно со  другите неопходни документи наведени во Конкурсот, во деновите за упис,  во материјална форма се доставуваат до факултетот.

На УКЛО електронското пријавување се остварува на:  www.upisi.uklo.edu.mk или на upisi.uklo.edu.mk

13.08.2012  

ДОДЕЛЕНА СТИПЕНДИЈА ОД EВН МАКЕДОНИЈА ЗА УКЛО

Во рамките на успешната соработка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола со ЕВН Македонија, а во насока на подобрување на компетенциите на студентите за нивно образование и усовршување во енергетскиот сектор, од страна на ЕВН Македонија беа доделени стипендии за студентите од студиската програма електро-енергетски системи на Техничкиот факултет Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Свеченоста за доделување на стипендиите, се одржа во просториите на ЕВН Македонија во Скопје во присуство на претставници од Управниот одбор на ЕВН Македонија, стипендистите и задолжено лица од Универзитетот.

Според претставникот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, ваквата практика ќе продолжи и во иднина со тенденција бројот на стипендиите што ќе ги одделува ЕВН Македонија за Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола континуирано да расте.

Исто така, во летниот период студентите на Техничкиот факултет - Битола изведуваа и практиканска работа во ЕВН Македонија, која континуирано се одвива секоја година.

10.08.2012  

ЕРАЗМУС МУНДУС ВАЖНО

Ги известуваме студентите и вработените на УКЛО дека како резултат на Еразмус Мундус селекцијата за 2012 во рамките на повикот за предлози EACEA/42/11 (објавен на 30 декември 2011 и со краен рок до 30 април 2012) се комплетираа избраните конзорциуми, партнерства и проекти за трите акции од оваа програма.

Извршната агенција на Европската комисија, по извршената евалуација на апликациите од страна на независни експерти, на својата веб страна ги објави званичните резултати  што ќе биде потврдено и со  потпишување на грантови со успешните апликанти, носители на конзорциуми.

Она што е значајно за УКЛО е фактот дека во рамките на ЕМ/Акцијата 2  во наредниот период Универзитетот го продолжува своето учество во веќе добро познатиот партнерски конзорциум  БАЗИЛЕУС (IV ) со Универзитетот во Гент како координатор, но исто така ќе учествува и во конзорциумот на партнери со акроним СИГМА ( како реструктуирано продолжение на  претходниот СТЕМ конзорциум )  со Универзитетот во Варшава како координатор .

Како резулатат на успешните апликации се очекува објавување  нови конкурси за стипендии за мобилности во двата семестри на академската 2012/2013 година.
 
Повеќе информации можете да најдете на линковите:
 
http://eacea.ec.europa.eu/erasmus_mundus/funding/2012/selection/selection_call_42_11_en.php
 
 
 
 

07.08.2012  

НОВИ ЕРАЗМУС БИЛАТЕРАЛНИ ДОГОВОРИ

Во последниов период УКЛО ја прошири листата на универзитети со кои има потпишано Еразмус билатерални договори. Со цел да се развива успешна меѓународна соработка во рамките на Програмата за доживотно учење се потпиша договор со Politechnika Slaska/ Силезиски Технолошки  Универзитет  во Гливице, Полска  (www.polsl.pl)  како и со Земјоделскиот Универзитет од Пловдив, Бугарија (www.au-plovdiv.bg).

Новопотпишаните билатерални договори се надоврзуваат на претходните 10 договори овозможувајќи им на заинтересираните студенти и академски кадри од неколкудневни до повеќемесечни престои на партнерските универзитети во земјите од ЕУ во повеќе категории: мобилности на студенти за студирање, а за академските кадри  во категориите  подготвителни посети, мобилности за наставен ангажман и за организација на мобилност.

06.07.2012  

Информација за студентите на УКЛО – можност за стипендија за Претприемничка академија

Консалтинг и тренинг центарот КЛУЧ нуди можност за добивање стипендија за 2012/2013 година за посетување на Претприемничката академија.

Заинтересираните кандидати треба да ја пополнат Апликацијата за стипендија и да ја испратат на contact@key.com.mk најдоцна до 20.07.2012 година.

Повеќе податоци за консалтинг и тренинг ценарот КЛУЧ и за Претприемничката академија може да се добијат на http://www.key.com.mk/.

27.06.2012  

Можност за практиканска работа ВО ЕВН МАКЕДОНИЈА

Во рамките на соработката помеѓу Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола  и ЕВН Македонија, а во насока  на професионално усовршување на млади, ЕВН Македонија , нуди можност за спроведување на практикантска работа за време на летниот период, од 2 јули до 30 септември 2012 година.

Рокот на пријавување е до 01 јули 2012 година.

За повеќе информации кликнете тука.

22.06.2012  

Можности за изведување практична настава во МИОА

Врз основа на потпишаните Меморандуми за соработка меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и јавните Универзитети во Република Македонија, во интерес на ефикасно организирање практична настава за студентите од областа на информатичките и телекомуникациските науки, МИОА објави Јавен повик за ангажирање практиканти во рамките на проектите „Светот на дланка – бесплатни ин тернет клубови“ и „Компјутер за секое дете“.

Превземи повик

19.06.2012  

ПРОМОВИРАН ДОГОВОРОТ СО УНИВЕРЗИТЕТОТ „БИЛИМ“ ИСТАНБУЛ

Делегација на Универзитетот „Билим“ во Истанбул – Турција, предводена од  г-дин Билгер Дуруман, Координатор за меѓународни работи, инвестиции и едукација од овој Универзитетот при посетата на Ректоратот на 19.06.2012 година, го промовираше Договорот за соработка потпишан од страна на ректорот на „Билим“ Универзитетот проф д-р Хакан Беркан.

Во рамките на афирмацијата на соработката, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф.д-р Златко Жоглев го парафираше меморандумот со што се отвораат конктретни можности за соработка, особено затоа, што во состав на Универзитетот „Билим“ во Истанбул функционираат четири болници „Флоренс Најтингел“  кои се меѓу врвните во Европа.

Ректорот, проф. д-р Златко Жоглев изразувајќи го задоволството од можностите за академска и поширока соработка со Универзитетот, посебно ги нагласи перспективите коишто во рамките на кооперативноста се отвораат по востановувањето на Центар за биологија и терапија на малигни тумори што ќе функционира во рамките на УКЛО.

12.06.2012  

ПРЕТСТАВАТА МОЈОТ ЧОВЕК ОД МНТ ПРИКАЖАНА ВО БИТОЛА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА УКЛО

Во организација на УКЛО на 11.06.2012 година во малата сала од Центарот за култура – Битола гостуваше претставата „Мојот човек“  во  продукција на Македонскиот народен театар.

„Мојот човек“  е претстава посветена на семејното насилство со намера за сензибилизирање на јавноста за оваа проблематика, појава  присутна во сите култури и едно од најсериозните форми на прекршување на човековите права.

Со оваа активност УКЛО ја потврдува заложбата за континуирано преземање планирани активности кои се во насока на подобрување на севкупното академско живеење, особено на планот на збогатувањето и унапредувањето на културните потреби на студентите и нивната духовната надградба.

10.06.2012  

ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН ДОДЕЛЕН НА ДИПЛОМЕЦ ОД ТЕХНИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ - БИТОЛА

На најдобрите дипломирани студенти на инженерските факултети, на 10 јуни 2012 година, на  платото на Светиклиментовиот храм „Св. Пантелејмон“ на Плаошник, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов им го додели признанието „Инженерски прстен 2012“.
Меѓу  12-те најдобри студенти добитници на ова високо признание е дипломираната студентка од Техничкиот факултет – Битола Ева Думкова, која своето образование го заврши со просечна оценка 9, 38.
Доделувањето Инженерски прстен освен  признание за најдобро дипломираните студенти од инженерските факултети претставува и своевиден поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

06.06.2012  

НОВО! РЕЗУЛТАТИ ОД ЕРАЗМУС ПРОГРАМАТА ЗА 2012/2013

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ги објави резултатите од повикот за ЕРАЗМУС Програмата за доживотно учење, за академската 2012/13, во чиишто рамки на УКЛО му се доделени вкупно 200 месеци за студентска мобилност и 2 мобилности за наставен кадар.

Деталите се достапни на следниов линк: http://www.na.org.mk/detali-za-novost/items/rezultati-za-podprograma-erazmus-za-akademska-201213.html

ВАЖНО ЗА СТУДЕНТИТЕ: Прилика за аплицирање сè уште постои, па затоа посетете ја http://www.uklo.edu.mk во делот посветен на ЕРАЗМУС (Меѓународна соработка) и разгледајте ги можностите во рамките на постоечките ЕРАЗМУС билатерални договори на следниов линк: http://www.uklo.edu.mk/files/attachments/spisok_aktvini_ERASMUS_dogovori.pdf

05.06.2012  

АКТУЕЛНИ ПРЕДАВАЊА НА УКЛО

Во рамките на опсервацијата на општествено – економските случувања во државата, УКЛО како активен организатор на стручни дебати и предавања континуирано е вклучен во можносите пред студентите и универзитетскиот кадар да се презентираат најразлични видувања за отворените прашања во актуелниот миг.

Академската јавност на УКЛО на 5.06.2012 година го проследи предавањето на македонскиот политичкиот аналитичар Љубомир Гајдов на тема „Република Македонија по самитот на НАТО во Чикаго“, што се одржа на дисперзираните студии во Битола, од  Правниот факултет – Кичево.

05.06.2012  

ЕВРОПСКИОТ МИТРОПОЛИТ ПИМЕН ГО ПОСЕТИ УКЛО

Ректорот проф. д-р Златко Жоглев на 4.06.2012 година во ректоратот на УКЛО оствари средба со претставници на  универзитетска делегација од Велика Британија, чиј македонски домаќин е Европскиот митроплит г. г Пимен.

Во рамките на срдечната средба разгледани се можностите за соработка во насока на остварување партнерства со странски универзитети и други институции.

04.06.2012  

Завршија државните Универзитетски лиги на Република Македонија

Со екипи во сите спортови УКЛО беше активен учесник во Државните универзитетски лиги на Република Македонија.  

И во оваа сезона, студентите на УКЛО се закитија со признанија во сите понудени спортови. Во кошарка и шах е освоено второто место, трето место во дисциплината пинг – понг, додека екипата во мал фудбал се пласира на четвртото место.

Како и претходните, така и оваа година УКЛО се претстави како успешен универзитет на планот на спортско – рекреативниот живот на студентите

Инаку, спортската манифестација Државни универзитетски лиги на Република Македонија се одржува во организација на Универзитетската спортска федерација на Македонија и учесници покрај државните се и дел од приватните универзитети од нашата држава.

31.05.2012  

УКЛО придружен партнер во проектот ИМПЛЕМЕНТ

Со потпишувањето на Писмото за поддршка на проектот ИМПЛЕМЕНТ од страна на ректорот, проф. д-р Златко Жоглев, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола стана придружен партнер во оваа значајна проектна иницијатива којашто директно го тангира континуираното учење.

Претставниците на УКЛО, на Конференцијата на ЕУЦЕН што се одржа на Универзитетот Карл Францен во Грац, Австрија, од 09 до 11 мај, 2012 година ја искористија можноста нашиот Универзитет да стане придружен партнер во проектот ИМПЛЕМЕНТ. Координатор на проектот е престижната мрежа на Европски универзитети за континуирано учење ЕУЦЕН, а полноправни партнери се Универзитетот Карл Францен од Грац, Австрија, Универзитетот Блез Паскал од Клермон-Феран, Франција, Јоханес Гутенберг Универзитетот од Мајнц, Германија, Националниот центар за знаење и валидација на претходно образование од Виби, Данска, Универзитетот во Талин, Естонија, Универзитетскиот колеџ во Лондон, Велика Британија, ИЛ3 Универзитетот од Барцелона, Шпанија, Универзитетот од Мињо, Португалија, Универзитетот од Женева, Швајцарија, Универзитетот од Малта и Организацијата за доживотно учење Биби Румбелоу од Лестер, Велика Британија.

Основната цел на проектот ИМПЛЕМЕНТ како продолжение на претходно успешно завршениот проект BeFlex Plus, е реториката, кога станува збор за доживотното учење, да стане пракса. Ваквата заложба, всушност, се поклопува со приоритетите на Европската политика наменети за сите високообразовни институции и субјекти засегнати од функционирањето на континуираното образование и неговото препознавање и признавање. Така, ИМПЛЕМЕНТ проектот настојува да им даде поддршка на универзитетите да станат високообразовни институции што нудат квалитетни програми во сферата на доживотното учење.

31.05.2012  

Заврши Универзитетската лига во мал фудбал сезона 2011/2012

Успешна завршница на Универзитетската лига во мал фудбал на УКЛО. Во спортската сала „Павел Шатев“ се одиграа полуфиналните натпревари, натпреварот за трето место и финалето од оваа спортска манифестација, во која активно учество со свои екипи зедоа сите единици на УКЛО.

Во финалето се сретнаа екипите на Факултетот за туризам - Охрид и Економски факултет - Прилеп, со тоа што победници на оваа Универзитетска лига во сезоната 2011/2012 е екипата од ФТУ – Охрид.

На доделувањето на наградите беше присутен проректорот за студентски работи проф.д-р Пере Аслимоски, кој ги додели медалите и пехарите, нагласувајќи дека овие студентски манифестации во иднина ќе се одржуваат во повеќе спортови.  

Во овие спортски натпревари кои се одвиваа во текот на целата академска година се одиграа преку 60 натпревари и настапија над 150 студенти од сите единици на УКЛО.

Конечен пласман за сезоната 2011/2012

  1. Факултет за туризам – Охрид
  2. Економски факултет – Прилеп
  3. Технички факултет – Битола
  4. Факултет за безбедност – Скопје

25.05.2012  

УСПЕШНА МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА БЕЗБЕДНОСТА И ЕВРОАТЛАНСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ НА БАЛКАНОТ

На 25 и 26 Мај 2012 година во Охрид се одржа традиционалната Меѓународната Научна Конференција на тема „БЕЗБЕДНОСТА И ЕВРОАТЛАНСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ НА БАЛКАНОТ“. Научниот собир беше во организација на Факултетот за безбедност-Скопје, единица на Универзитетот „Свети Климент Охридски„ – Битола, во соработка со Факултетот за безбедносни студии во Љубљана, Словенија,Полициската академија "AlexandruIoan Cuza" во Букурешт, Романија, Криминалистичко-полициската академија во Белград, Србија, Високата полициска школа на МВР од Хрватска, Академијата на МВР на Република Бугарија и Високата школа за внатрешни работи, Босна и Херцеговина, Република Српска.

Научната конференција опфати повеќе тематски области меѓу кои евроатланските интеграции и перспективи на Балканот, менаџирањето со ризици и кризи од аспект на безбедносните предизвици, науката и безбедноста и сл.

На меѓународната научна конференција присуствуваа Министерот за одбрана на Република Македонија д-р Фатмир Бесими, Министерот за внатрешни работи на Република Македонија м-р Гордана Јанкулоска и Проректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски„-Битола проф. д-р Пере Аслимоски.

Факултетот за безбедност-Скопје завршните  заклучоци и Зборникот на трудови презентирани на Конференцијата ќе ги издаде и на англиски јазик.

<< претходно | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | следно >>

xxxx