Единици

EMail сервис


 
 
 
 
 
 

<< претходно | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | следно >>

Новости

06.05.2013  

Работилница за кариерни центри во Охрид - повик за експерти

Трите проекти од Erasmus Mundus Action 2 (Basileus, JoinEU-SEE и SIGMA) организираат заедничка работилница посветена на универзитетските кариерни центри на 10 и 11 јуни 2013 во Охрид. На работилницата се очекува присуство на претставници од сите партнери од универзитетите од Западен Балкан.

Ова е можност за размена на искуства и know-how идеи за формирање и водење на кариерни центри, како и платформа за јакнење на менаџерските капацитети на високообразовните институции во регионот.

Во тек  е пријавувањето на експерти за кариерни центри од партнерските институции од ЕУ, кои сакаат да ги споделат своите знаења и искуства со учесниците на работилницата, преку различни форми на презентација, разговор и сл. На експертите им се обезбедени финансиски средства за нивниот пат, престој и ангажман.

Експертите кои се заинтересирани да бидат презентери на работилницата можат да се пријават до 13 Мај, 2013 на следната електронска адреса:

delfien.cloet@UGent.be

Детали за работилницата и пријавувањето може да се добијат тука.

29.04.2013  

Австрискиот Амбасадор на Педагошкиот факултет

Манифестациите за одбележување на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се заокружени со предавањето на тема Музиката во Австрија, што на 26 април 2013, во просториите на Педагошкиот факултет го одржа Амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. д-р Томас Михаел Бајер.

Оваа година Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола одбележува 34 години од основањето и исто толку години плодна и богата едукативна дејност.

26.04.2013  

II Меѓународна летна школа за интегриран транспорт: Иновативни технологии и интегриран транспорт

Во периодот помеѓу 26 - 30 август 2013, во Охрид, ќе се одржи Втората меѓународна летна школа за интегриран транспорт: Иновативни технологии и интегриран транспорт, организирана од страна на Факултетот за сообраќај на Универзитетот во Загреб (www.fpz.unizg.hr), во соработка со две единици од УКЛО - Технички факултет, Отсек за сообраќај и Факултетот за туризам и угостителство, како и други високообразовни институции од регионот.

 

Контакт и дополнителни информации

+385 1 245 7712; +38599 233 6003
E - mail: summer.school@fpz.hr
Website: www.fpz.unizg.hr/summerschool
Facebook: http://www.facebook.com/#!/groups/summerschool.fpz

 

Програмата на Школата е достапна на http://www.fpz.unizg.hr/summerschool/files/Agenda_Summer_2013_Final_za%20web.pdf

25.04.2013  

ПРОМОВИРАНА ERASMUS / ERASMUS MUNDUS УКЛО АЛУМНИ МРЕЖА

Ректорот, проф. д-р Златко Жоглев, на 25 април 2013 година, во просториите на КРЕДО Центарот, во рамките на активностите за одбележување на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски" - Битола,  го означи почетокот на функционирањето на  ERASMUS/ERASMUS  MUNDUS УКЛО АЛУМНИ МРЕЖАТА.

Иницијативата за организирање и меѓусебно поврзување на сите студенти, претставници на соработничкиот и академскиот кадар коишто во различни периоди користеле стипендии за мобилност во рамките на ERASMUS MUNDUS (BASILEUS или ЕМ2ЅТЕМ) и/или ERASMUS Програмата за доживотно учење, претставува дел од настојувањата на УКЛО да ја промовира академската мобилност како најзначаен сегмент на целокупната интернационализација на Универзитетот.  

ERASMUS/ERASMUS  MUNDUS УКЛО АЛУМНИ МРЕЖАТА се очекува да обезбеди солидна основа за зајакнување на релациите помеѓу досегашните корисници на стипендиите за мобилност, за размена на идеи и искуства, за редовно информирање во врска со можностите за мобилност, за целокупно зголемување на нивото на меѓународна соработка и понатамошно промовирање на идејата помеѓу колегите.

24.04.2013  

Промовирани нови доктори на науки

Во рамките на одбележувањето на Денот на основањето на УКЛО, 25 април, на пригодна свеченост што се одржа на 24.04.2013 год. во салата за состаноци на Ректоратот, во комплексот Касарни - Битола, промовирани се нови доктори на науки на Универзитетот „Св.Климент Охридски" - Битола

На настанот,организиран по повод 34 години од основањето на УКЛО, Ректорот проф. д-р Златко Жоглев прогласи 15 нови доктори на науки.

Со најновата промоција, на Универзитетот, до денес, докторирале 183 доктори на науки.

листа на доктори

17.04.2013  

Одржана работилница во рамките на проектот STREW

УКЛО беше домаќин на интерактивна работилница, што како проектна активност се одржа на 15 и 16 април во рамките на ТЕМПУС проектот со акроним STREW, односно Градење на капацитетите за структурни реформи во високото образование во земјите од западен Балкан.

Презентер на работилницата, насловена „Модернизација на управувањето со универзитетот“, беше Јелена Бранковиќ од Центарот за образовни политики во Белград, Србија. Настанот беше ретка можност да се добијат повеќе информации за моменталните трендови и тенденции во управувањето на универзитетите во регионални и Европски рамки, како и за улогата на административниот кадар во донесувањето стратешки одлуки во процесот на управување на универзитетите.

На работилницата присуствуваа претставници од административниот кадар на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, како и од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

11.04.2013  

УКЛО НА САЕМОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И КАРИЕРА 2013

Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, во периодот   од 10 до 12 април 2013 година, учествува на Саемот за образование и кариера што се одржува во втората хала од Скопски саем.

Во рамките на манифестацијата, УКЛО како редовен учесник на настанот,  ги   претставува  постојните студиските програми во трите циклуси на образование на единиците во неговиот состав. Презентацијата на високообразовната понуда со заинтересираните се остварува на непосреден начин,  преку директни контакти, со што на потенцијалните кандидати им се помога во нивната професионална ориентација и можностите за зголемување на компетенциите.

10.04.2013  

Посета на професори од САД на УКЛО

На 9 април, во просториите на Ректоратот, проректорот Пере Аслимоски, се сретна со проф. Лора Соса и проф. Даг Фи од Mercer County Community College, САД, коишто престојуваат во посета на Факултетот за туризам и угостителство каде одржаа предавања за студентите и за академскиот кадар.

За време на оваа посета проректорот го претстави Универзитетот преку фактите и бројките што зборуваат за запишаните студенти, дипломираните студенти од основањето до сега, за студиската понуда, а направи и посебен осврт на меѓународната соработка низ призмата на релациите со американските високообразовни институции.

Професорите гости од своја страна пак зборуваа за образовниот систем во САД и претставија навистина иновативни модели и проекти во делот на соработката којашто тамошните институции ја градат со непосредното општествено опкружување.

На средбата присуствуваа и деканот на ФТУ, проф.д-р Сашо Коруновски, проф. Иванка Нестороска, како и претставничките од канцеларијата за МС при УКЛО.

03.04.2013  

Се продлабочува соработката помеѓу УКЛО и Општина Битола

На 3 април 2013 година во присуство на Министерот за образование и наука м-р Панче Кралев, се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола  и Општината Битола за проширување на веќе воспоставената соработка со иницирање различни активности, проекти и други форми  што се од заеднички интерес за високото и  средното образование.

Потписниците на овој Меморандум, ректорот, проф. д-р Златко Жоглев и градоначалникот м-р Владимир Талески, при чинот на потпишувањето ги истакнаа појдовните принципи за продолжување на ваквото институционално поврзување коишто коинцидираат со потребата од еден холистички пристап кон сите степени на образование, а особено во светлото на тенденциите за, од една страна зајакнување на врските помеѓу академската средина и нејзионото надворешно опкружување, а,  од друга страна,  за интензивирање на локалниот економски развој.

Меморандумот за соработка помеѓу Универзитетот  „Св. Климент Охридски“ – Битола и Општината Битола претставува продолжување на постоечкиот општ договор и отвора простор за нови формуи и содржини во повеќе сегменти од заеднички интерес.

02.04.2013  

Објава за можности за остварување на практична работа за студентите од Економскиот факултет во Тутунска банка

Почитувани студенти,

НЛБ Тутунска банка АД Скопје ви нуди можност да го запознаете банкарското работење и преку остварување на практична работа во рамки на нејзините организацинони единици.

Доколку сте заинтересирани за реализација на праксата потребно е да ги исполните следните услови:

-          да сте  студент на додипломски студии (пожелно е од повисоките години, но ќе се  земаат во предвид и пријавите на студентите од I и/или II година) или да сте студент на последипломски студии  (невработени)

-          да имате солидно познавање  на англискиот јазик

-          познавање на MS Office пакетот

-          позитивен пристап и мотивираност

-          подготвеност за работа и тимски дух.

Времето на реализација на работната пракса е во траење од 1 месец со можност за нејзино продолжување до 3 месеци. 

Доколку сте заинтересирани за практична работа доставете барање на следната меил адресата:  l.sekulovska@tb.com.mk и b.malenkov@tb.соm.mk, со CV и податоци за департман и година на студии, контакт телефон и контакт меил, со назнака: За практична работа во НЛБ Тутунска банка.

Само кандидатите кои ќе бидат избрани во потесен круг ќе бидат контактирани.

Со почит,

Служба за управување со човечки ресурси

НЛБ Тутунска банка АД Скопје 

02.04.2013  

ВО СВЕТОТ НА ВИДЕО ИГРИТЕ - ОД КОНЦЕПТ ДО ГОТОВ ПРОИЗВОД

Во рамките на проектот „Мојата успешна приказна“ кој редовно се спроведува на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола каде истакнати стручњаци од практиката и бизнис секторот реализираат предавања пред студентите со цел  нивно поблиско запознавање со компаниите, на 02.04.2013 година на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи - Битола пред студентите, свое предавање одржа г-нот Петар Котевски, сопственик на компанијата „Камај медиа“ која на пазарот е позната по изработка на видео игри за познати компании од светот на информатичката технологија.

Студентите  имаа можност да се запознаат со начинот на работа на компанијата, со нејзините приоритети и можностите за вработување како и со можноста за изведување на практикантска работа.

Г-нот Петар Котевски во рамките на проектот на УКЛО „Мојата успешна приказна“, на 20.03.2013 година одржа исто вакво предавање и на Техничкиот факултет Битола пред студентите од отсекот за информатичка и компјутерска техника.

Во рамките на ваквиот проект, воспоставени се контакти и со останати менаџери од бизнис секторот, со што вакви и слични предавања ќе бидат реализирани и во иднина.

27.03.2013  

Едномесечни истражувачки престои на универзитети во Австрија

Отворен е повик за стипендирање млади истражувачи за реализирање едномесечна мобилност на некој од австриските универзитети во контекст на нивните мастер или докторски работи.

Детални информации и пристап до апликациониот формулар на веб-страницата на World University Service (WUS) – Austria:

http://www.wus-austria.org/project/0/33.html

25.03.2013  

НОВО!!! Известување за објавување трудови во списанието Прилози на МАНУ - Одделение за природно - математички и биотехнички науки

 ИЗВЕСТУВАЊЕ

22.03.2013  

Усвоен извештајот за работа на Ректорот и УКЛО

На 22 март 2013 година одржани се две значајни седници на органите на УКЛО. На 113 седница на Универзитетскиот сенат едногласно е усвоен  Извештајот за работа на Ректорот, проф. д-р Златко Жоглев и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Претходно и членовите на Ректорската управа на 159 седница целосно го поддржаа овој важен документ.

Извештајот за работа на Ректорот и Универзитетот претставува синтетизиран приказ на активностите во изминатата академска година и ги опфаќа сите домени од универзитетското работење.

Исклучително позитивната оценка на Сенатот за Извештајот за работа на Ректорот и Универзитетот е потврда за успешното работење на УКЛО, а согледаните перспективи и насоки за идно дејствување се оценети како основа за негов натамошен  и  непречен развој.
Превземи известување тука. 

12.03.2013  

Стипендии од француската влада и Ајфел стипендии

Едногодишни стипендии за мастер и докторски студии за студирање во Франција наменети за високомотивирани, солидни студенти со напредно ниво на познавање на францускиот јазик

Со стипендијата што ја додлеува Француската влада се покриваат трошоците на школарината (9 – 10 месеци), студентското здравствено осигурување и останатите трошоци за живеење http://www.ifs.mk/fr/Home/StudyFranceContent/633 . Краен рок за пријавување е 30 април 2013.

Програмата Ајфел пак обезбедува стипендии во областа на правото и политичките науки, економијата и менаџментот и техничките науки, а барањата за нив ги поднесува соодветната француска високообразовна институција http://www.egide.asso.fr/jahia/Jahia/accueil/appels/eiffel

08.03.2013  

Промоција на стипендии за студии на универзитетите во Турција

Претставници на Министерството за дијаспора на Република Турција , пред студентите од УКЛО ја  промовираа програмата на  стипендии за студирање на некои од 500-те отсеци на 175 турски универзитети.

Програмата нуди извонредни можности за аплицирање со цел оваа атрактивна академска палета да може да биде достапна и за студентите од Република Македонија.

Промоцијата се организира во просториите на Правниот факултет, а присутните студенти од повеќе факултети во составот на УКЛО со внимание и активно, преку бројни прашања, го проследија настанот. Претходно, експертите што ја промовираа програмата беа примени во Ректоратот кадешто имаа средба со проректорот проф. д-р Никола Крстаноски и неговите соработници.

Минатата година, од повеќе од 400 апликации – 86 студенти од Македонија беа селектирани да го продолжат своето школување на додипломски, постдипломски и докторски студии на најреномираните универзитети во Турција.

07.03.2013  

ОДРЖАНИ ПРЕДАВАЊА ЗА МЕЃУНАРОДНАТА ПОЛИТИКА И ЕДЕН ВЕК ОД БУКУРЕШКИОТ ДОГОВОР

Академската јавност на УКЛО на 7.03.2013 година ги проследи предавањата на  тема „Меѓународната политика на Република Македонија и „100 години од Букурешкиот договор“.

Воведничари и предавачи беа  Амбасадорот на Република Македонија во Кралството Шпанија Слободан Чашуле и  надворешно - политичкиот аналитичар Љубомир Гајдов.

Настанот се одржа на дисперзираните студии од  Правниот факултет -  Битола.

07.03.2013  

Продолжен договорот за соработката со УГД - Штип

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Златко Жоглев и неговиот колега од УГД - Штип, проф. д-р Саша Митрев на 6.3.2013 година потпишаа договорот за продолжување на соработката.

По претходната петгодишна соработка, претставниците на двата универзитети меѓу кои и тимот проректори, очекуваат заедничкото дејствување да биде понагласено во делот на науката и истражувањето.

Досегашното успешно поврзување на УКЛО и УГД се остваруваше со размена на наставен кадар, учество во неколку заеднички меѓународни проекти, на информативен и спортски план.

Ваквата соработка во иднина ќе биде унапредена со уште поголемо поврзување меѓу академските кадри на овие два јавни универзитети.

06.03.2013  

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ПРЕД ИДНИТЕ ПРАВНИЦИ

Претседателот на државата, Н.Е. Ѓорге Иванов на 5.03.2013 го посети  Правниот факултет  во Кичево и оствари средба со ректорот на УКЛО, проф. д-р Златко Жоглев којшто беше придружуван од проректорите и други соработници,  а од страна на домаќините, се сретна со деканот, проф. д-р Илија Тодоровски и професори од факултетот. На средбата, Претседателот Иванов е запознаен со наставните програми и функционирањето на факултетот, а дискутирани се и прашања поврзани со процесите во високото образование во Република Македонија.               

Во рамките на посетата на Правниот факултет - Кичево, Претседателот на Република Македонија, Н.Е. Ѓорге Иванов, одржа предавање на мошне актуелна тема: Владеење на правото, што побуди силен интерес кај студентите.

05.03.2013  

УКЛО НА УНИВЕРЗИТЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Изминатиот викенд, од 01-02 март 2013 година, УКЛО беше учесник на шестото по ред универзитетско првенство во алпско скијање на Попова Шапка, во организација на Универзитетската спортска федерација на Македонија.

Студентите постигнаа забележителни резултати во поединечна и и екипна конкуренција. Во категоријата велеслалом жени, студентката на Правниот факултет, Ивана Ивановска го освои  второ место, а на четвртото место се пласира студентката на Техничкиот факултет, Стефанија Талевска, со што УКЛО го освои првото место во конкуренцијата жени екипно.

Во генералниот пласман, студентите на нашиот Универзитет се пласираа на четвртото место.

Со учеството на оваа манифестација УКЛО ја продолжува традицијата на успешни настапи на Зимските универзитетски првенства на Попова Шапка.

05.03.2013  

Договор за соработка помеѓу Факултетот за безбедност од УКЛО и соодветниот факултет во состав на Универзитетот во Белград

На почетокот од март 2013 година,  потпишан е  Меморандум за научно - образовна соработка помеѓу двата факултети за безбедност- од УКЛО и од Универзитетот во Белград.

На овој начин институционализираната соработка предвидува развивање заеднички студиски програми од прв, втор и трет циклус студии; заеднички истражувачки проекти, визитинг предавања, размена на кадар и студенти, организирање заеднички меѓународни научно истражувачки активности, конференции, симпозиуми како и повеќе други форми на академска соработка. Договорот потпишан од деканите на двете институции проф. д-р Снежана Никодиновска-Стефановска (по претходно добиено одобрување од ректорот, проф. д-р Златко Жоглев, заради специфичностите во соработката) и проф. д-р Радомир Милашиновиќ е потврда на заедничката заложба и интерес за унапредување на досегашната соработка во областа на едукација и обука на кадри од областа на безбедноста, но и дополнителна  можност за  зајакнување на меѓусебната  и регионалната доверба.

01.03.2013  

Ќе се унапредува универзитетскиот спорт

 

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Златко Жоглев на 28.02.2013 година оствари работна средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски и претставници од Централната комисија за спорт на Република Македонија.

 

Тема на состанокот се новите планови и проекти на Агенцијата за млади и спорт во насока на унапредување на универзитетскиот спорт и можностите за формирање Интеруниверзитетска Спортска Федерацијата.

 

Ректорот, проф. д-р Златко Жоглев со бројни примери ја потврди практиката на УКЛО максимално  да ги поддржува спортските активности на студентите, за што од страна на Агенцијата за млади и спорт е искажано посебно признание.

 

Во наредниот период со новите проекти за унапредување на универзитетскиот спорт се очекува поголем опфат на студентската популација во спортско -рекреативните активности и вклучување посебни мерки за стимулирање на студентите - спортисти.

 

Се очекува новиот концепт на универзитетскиот спорт да стартува со новата академска година. 

27.02.2013  

УКИМ, УКЛО и УГД ја продлабочуваат соработката

Ректорите на трите јавни универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ –Битола и „Гоце Делчев“ од Штип,  проф. д-р Велимир Стојковски, проф. д-р Златко Жоглев и проф. д-р Саша Митрев, потпишаа договор за меѓусебна продлабочена соработка.

Соработката ќе се остварува во областа на уписната политика, во наставно - научната, образовната и истражувачката дејност. Меѓусебното заедничко дејствување подеднакво ќе ги опфати  меѓународната соработка, издавачката дејност, како и културните, уметничките и спортските активности.

Универзитетите потписници ќе изработат стратегија за заедничко учество во научно - истражувачки проекти финансирани од Европската комисија.

Се очекува дека овие и другите програми за заедничко дејствување на јавните универзитети во Република Македонија,  ќе имаат позитивни ефекти во унапредувањето на високото образование во нашата земја.

26.02.2013  

Посета на француската амбасадорка на УКЛО

Новоименуваната француска амбасадорка НЕ г-ѓата Лоранс ОЕР за своја прва дестинација надвор од Скопје ја одбра Битола, а за  прва посета Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола. На 25.02.2013 година, придружувана од Директорот на Францускиот Институт г-динот Лавуар, беше примена од ректорот проф. д-р Златко Жоглев, проректорите  и неговите соработници.

Во пријатната едночасовна средба во Ректоратот на УКЛО, амбасадорката, од страна на ректорот,  беше информирана за досегашната соработка со француските универзитети, а дополнително заеднички се договорија за перспективните нови форми што може да им се дадат на традиционално добрите релации – учество во заеднички проекти, организирање научни собири, конференции, поканување на визитинг професори, гостувачки предавања, поголема  мобилизација за учество во програмите за размена на студенти и кадри.

Ректорот Жоглев во оваа прилика  се осврна на повеќегодишната успешна соработка со Универзитетот во Ница, Софија Антиполис во рамките на проектот DOCSMES и ја запозна и со  неколкуте идни иницијативи што престојат на овој план.

Амбасадорката уште еднаш ја потврди својата лична , но и поддршката од страна на Француската Амбасада и  соодветните служби   во функција на успешна соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

22.02.2013  

АМБАСАДОРОТ НА САД ВО ПОСЕТА НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ТУРИЗАМ И УГОСТИТЕЛСТВО

Амбасадорот Волерс го посети Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, на 21 февруари 2013 при што се сретна со деканот, проф. д-р Сашо Коруновски, со ректорот на УКЛО, проф. д-р Златко Жоглев и професори од Факултетот. За време на посетата, Амбасадорот ги обиколи просториите во коишто ќе биде сместен Центарот за американски студии што треба да се отвори во текот на наредниот месец, како дел од проектот финансиски поддржан од грант на Амбасадата. Амбасадорот се сретна и разговараше и со 25 студенти на теми поврзани со студентското претприемништво, како и за летната програма за патување и работа во САД, Work and Travel.

<< претходно | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | следно >>

xxxx